Каде одиме?
Нема повеќе дом во кој нема барем еден компјутер и ретки се оние кои не располагаат со интернет конекција. Ако првично компјутерот беше наменет да ја олесни работата на луѓето и да врши пресметки и решава проблеми кои човечкиот мозок не може да ги изведе во разумно време, денеска компјутерот за обичниот корисник не е ништо повеќе, туку порта низ која тој влегува во виртуелниот свет. Полека и можеби несвесно, почнавме да живееме во тој свет, таму да си поставуваме цели и таму да се обидуваме да се реализираме. Се појавија многу таканаречени социјални мрежи како Facebook, MySpace, hi5 и сл. кои привлекоа огромна маса на луѓе, енормно се зголеми бројот на MSN корисници, а и форумите се преплавија од членови и мислења. Станува збор за интересен феномен кој зема се поголем замав и кој несомнено ќе резултира со загрижувачки последици.
Најтрагичното во целата оваа приказна е тоа што се убедуваме дека живееме во некое си информатичко општество бидејќи секој, нели, користи компјутер и интернет. Фактот е дека најголемиот дел од корисниците немаат воошто или имаат лажна претстава за тоа што е информатика. Ретко кој тинејџер денес компјутерот го користи за информатички или научни цели, па така, не изостануваат случаевите кога студенти oд информатика не знаат да изработат обични програми или студенти од економски полесно би се снашле на Facebook отколку да направат проста пресметка во Excel. Целата ситуација е дотолку позагрижувачка што голем број средношколци, дури и за време на часовите во училиште, наместо да ја следат наставата, посегнуваат по chat-oт и сајтовите на социјалните мрежи.
На форумите се развиваат трагикомични дискусии во кои учество земаат и подпросечни и надпросечни и повикани и неповикани и засегнати и незасегнати. И најстрашното е што тие дискусии се бесцелни, на пати и банални, не придонесуваат за никаков развој, никој никому ништо не докажува. Јазикот е најчесто неформален, отсуствува правилна интерпункција и вокабуларот е очајно сиромашен. Се трошат часови скапоцено време кое инаку би можело да се употреби за многу покорисни или покреативни цели. Преписка со коментари на Facebook или на форум не е ни приближно добар еквивалент за тет-а-тет разговор.
Покрај последиците од јазичен, социјален и психолошки карактер, се јавува уште една интересна последица. Имено, за човечкиот ум да напредува и мозокот да се развива , потребно е истиот интензивно да се поттикнува, да се соочува со загатки, проблеми. Секојдневната и монотона изложеност на социјалните мрежи и форумите кои дефинитивно не нудат ништо од таков карактер, доведува до затупување бидејќи од корисникот се бара и е доволна плитка мозочна активност. Наместо да се стимулира, љубопитноста се пригушува. Ретки се оние кои воопшто ќе се заинтересираат како функционираат програмите кои најчесто ги користат, или пак за тоа како функционира компјутерот како машина. И покрај тоа што компјутерот нуди многу можности и може значително да придонесе за развојот на една индивидуа, во природата на мнозинството е да се стремат кон активности кои се пред се’ неизискувачки во ментална смисла. Па, дали наместо поинтелигентна и понапредна, ризикуваме утре да бидеме сведоци на генерација неспособна да придонесе за прогресот на човештвото и генерација која интелектуално ќе заостанува?